Асоцијацијата на претставниците на странски производители на иновативни лекови ФАРМАБРЕНД НОВА официјално дел од Eвропската федерација на фармацевтски индустрии и здруженија (EFPIA)
Фармабренд Нова е здружение кое со својата работа се стреми за еднаков и навремен пристап до најсовремени и најбезбедни лекови за сите пациенти, ист пристап каков што имаат и пациентите од ЕУ и регионот. Неговата визија ги поддржува креаторите на здравствената политика преку балансирање на буџетот да обезбедат здрава и продуктивна работна сила. Индустријата има одговорност да покаже лидерство во промовирањето на одговорно работење преку практикување на транспарентност и етика во локалното работење.
Со постојаното вложување и поддршка на визијата за модерен и одржлив здравствен систем во Македонија и со исполнувањето на строгите барања и услови за етичко и транспарентно работење, Фармабренд Нова, од јули 2018 година, обезбеди место во Европската федерација на фармацевтски индустрии и здруженија (EFPIA), асоцијација составена од 33 национални здруженија и 40 водечки фармацевтски компании. EFPIA е гласот на ЕУ-сцената на 1.900 компании посветени на истражување, развивање и овозможување на нови лекови за пациентите, кои ќе го подобрат здравјето и квалитетот на животот во целиот свет.
Ова е само дополнителен мотив и поттик за Фармабренд НОВА да продолжи со своето позитивно дејствување и да влијае на иновативните компании да обезбедуваат за пациентите и лекарите иновативни лекови, но и да инвестираат во здравствениот систем на РМ преку: споделување на научни информации и знаења, едукација на здравствените работници, учество на здравствените работници во меѓународни клинички студии, подобрување на здравствената инфраструктура, иновации во дијагностиката, лидерство во етиката и транспарентноста во работењето и да инвестираат во општеството преку отворање на работни места и почитување на даночните обврски.