Одржан првиот Иновативен Форум – „Со иновација до здрава нација“

Одржан првиот Иновативен Форум – „Со иновација до здрава нација“

На 31.05.2018, во Скопје, се одржа Иновативниот Форум под мотото „Со иновација до здрава нација“, кој првпат се организира во Р. Македонија од страна на Асоцијацијата на претставниците на странските производители на иновативни лекови – ФАРМАБРЕНД НОВА и Здружението за фармакоекономија и истражување на исход од терапија ISPOR Македонија. Главна цел на овој форум беше споделување искуства, предизвици и можности за подобрување на здравствениот систем, неговото осовременување, преку внесување медицински иновативни технологии и нивна достапност до пациентите. Форумот се одржа во просториите нахотелот „Холидејин“, каде што многубројни експерти од Европа зборуваа за своите искуства на оваа тема.

Форумот го отвори министерот за здравство г. Венко Филипче, кој даде јасна слика за улогата и местото на иновативната медицина во здравствената стратегија на Република Македонија. Во текот на изминатите неколку децении, благодарение на подобрените дијагностички и терапевтски опции, здравствената заштита доживеа експлозија на иновации дизајнирани да го подобрат животниот век и квалитетот на животот. Додека здравствените организации се соочуваат со невидени предизвици за подобрување на квалитетот, намалување на штетата, подобрување на пристапот, зголемување на ефикасноста и намалување на трошоците, иновацијата повторно станува главен фокус –изјави министерот за здравство г. Филипче и додаде:Ние како влада ќе продолжиме и понатаму да се залагаме во што поголема мера да воведуваме нови иновативни технологии и решенија, кои ќе придонесат за реформи и подобрување на условите во здравството.Имањето квалитетна и јасна визија за развој во овој сегмент е од круцијално значење. Веруваме во нашата визија и ќе продолжиме и понатаму напорно да работиме на нејзина реализација.

Директорот на Фондот за здравственото осигурување на Македонија г. Ден Дончев, исто така, присуствуваше и го даде своето мислење:„Потребно е сеопфатно решение и планирање на средствата, кои ќе бидат наменети за иновативните терапии и механизмите преку кои ќе се постигнат целите,вклучувајќи ја и намерата на Министерството за централизирање на набавките и лековите со што веруваме дека ќе се овозможи и ефикасност, заштеда и повеќе простор за иновативните терапии во иднина.

За актуелната регулатива и планираните промени зборуваше г-ѓа Мерјем Хаџихамза раководител на одделение за фармакоекономски и фармакоепидемиолошки мислења во агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД. Осврт на јавното финансирање во здравствениот сектор направи специјалистот за здравство од Светска банка г-ѓа Дороти Чен. За искуството на Словенија за воведување иновативни лекови зборуваше г. Рок Хрен, кој е претседател на ISPOR Slovenia додека за искуството на Хрватска на оваа тема зборуваше г. Синиша Варга, член на хрватскиот парламент, поранешен министер за здравство и поранешен директор на Фондот за здравственото осигурување на Хрватска. Претседателот на Бугарската национална организација на пациенти г. Станимир Хасурџиев во одбрана на пациентите изјави: „Ова што се обидов да му го објаснам на аудиториумот, а најмногу на политичарите е тоа дека пациентите се нивни вистински партнер за правење успешна реформа. Затоа што и политичарите се избрани од луѓето и пациентите се луѓе. Пациентот има специфична експертиза да го познава системот однатре, да го познава заболувањето, да знае како се живее со него секој ден и токму оваа експертиза може да им помогне на политичарите да направат реформа која ќе им се допадне и на луѓето и на докторите и која ќе има добра ефективност за економијата на земјата.

За пристапот до иновативните терапии, можности и предизвици на РМ свое излагање даде и проф. д-р Љубица Шутуркова, која наведе:„Осигурениците, владата и фармацевтските компании треба да работат заедно со цел обезбедување ран пристап до висококвалитетни лекови со истовремена заштеда на буџетите.”

Пред самиот крај и заклучоците од овој иновативен форум, свое излагање имаше Весна Алексоски од Здружението за ретки болести, која зборуваше за недостапноста на иновативните лекови во име на пациентите и изјави: „Патот што во Македонија треба да се помине за да се дојде до одреден лек е ужасно долг. Јас како професионален пациент лекот за мојата дијагноза го чекав 23 години, долг период во кој јас и сите останати пациентски организации се прашувавме и се прашуваме колку време треба да чекаме за еден лек да стигне до нас. Дали шест месеци, дали една година или можеби 23 години? “.

Иновативниот форум беше придружен со успешна панел-дискусија водена од страна на проф. д-р Љубица Шутуркова,со министерот за здравство г. Венко Филипче, директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија и предавачите од цела Европа -г-ѓа Дороти Чен, специјалист за здравство во Светска банка, д-р Рок Хрен од ISPOR Slovenia, г. Синиша Варга, член на хрватскиот парламент, г-ѓа Мерјем Хаџихамза раководител на одделение за фармакоекономски и фармакоепидемиолошки мислења во агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД, г. Алекос Панагиотис –претставник на EFPIA, д-р Станимир Хасурџиев – претседавач на Бугарската национална организација на пациенти, проф. д-р Љубица Шутуркова – професор на Фармацевтскиот факултет во Скопје и претседател на ISPOR Македонија, г-ѓа Весна Алексоска – Здружение на граѓани со ретки болести.

Заклучоците од овој иновативен форум – „Со иновација до здрава нација“ беа дека постои политичка волја за решавање на проблемите и дилемите во здравствениот систем на Република Македонија, што впрочем беше кажано од надлежните, министерот за здравство г. Венко Филипче и директорот за здравствено осигурување на Република Македонија г. Ден Дончев. Се очекуваат промени во Законот за здравственото осигурување, се работи на донесување нов правилник за ставање нови лекови на позитивната листа. Потребно е планирање и зголемување на здравствените буџети во Фондот за здравственото осигурување на Република Македонија со цел финансиска одржливост и подготовка за создавање стручно тело за процена на здравствените технологии во Р.Македонија.Создавање можности за имплементација на контролираните договори. Градење доверба и продлабочување на соработката помеѓу здруженијата на пациенти, иновативните компании, академската заедница и регулаторните и законодавните тела во РМ.

Сите овие заклучоци од овој прв Иновативен форум, ќе бидат објавени во нацрт-предлог за креирање на идните политики во здравствениот систем, кои се надеваме ќе овозможат иновативните технологии да станат достапни до македонските пациенти.